ЧИЛЕ

Апокалиптични сцени во Чиле, десетици жртви во пожарите што беснеат во централниот дел на земјата

04.02.2024 12:49

Апокалиптични сцени во Чиле. Во шумските пожари што беснеат во централниот дел на земјата досега загинаа над 50 луѓе. Бројот на жртви се очекува да расте. Главната борба е да се стават под контрола пламените јазици што им се закануваат на населените области...

Црн чад се издига над небото во Чиле. Пламените јазици оставија зад себе апокалиптични сцени со пеплосани домови и опустошена животна средина. Шумските пожари што беснеат во централните делови на земјата однесоа десетици животи, но се претпоставува дека бројот на загинатите ќе расте. Прогласена е вонредна состојба, а властите издадоа наредба за итна евакуација на населението од најзагрозените подрачја. Жителите со куфери в раце, забрзано ги напуштаат своите домови.

„Сакам силно да го повторам повикот дека кога ќе добиете наредба за евакуација, не двоумете се. Пожарот напредува многу брзо, а временските услови се вистински предизвик за гаснењето на пожарот. Не двоумете се ако сте примиле пораката. Сакаме да спасиме животи и да ве заштитиме“, изјави Габриел Борич, претседател на Чиле.

Невообичаено високите температури во комбинација со силниот ветер се вистински предизвик за пожарникарите и спасувачките екипи кои макотрпно се борба со интензивните пожари. Илјадници домови се уништени. Во борбата за совладување на огнот се вклучени и хеликоптери.

Огнот беше од другата страна и за десет, петнаесет минути пристигна тука и пламенот почна да паѓа насекаде, гореше насекаде. Останавме без ништо. Овде изгореа некои соседи, настрадаа татко и ќерка, изгоре и соседот од другата страна.

Се појавија и првите сомнежи оти пожарите се подметнати.

„Очигледно постои намерност. Досега не се случило истовремено четири пожара да се појават спонтано. Тука има усогласеност. Властите треба да го истражат тоа“, изјави Висенте Маџоло, командант на противпожарна служба во Валпараисо.

„Ако се докаже дека биле намерни, кој и да го направил тоа знае што прави. Бидејќи тоа го прави напладне кога е најголемата жештината“, изјави Леонардо Медер, директор на Националната шумарска корпорација.

Шумските пожари не се невообичаена појава во Чиле, особено во летните месеци. Но, феноменот Ел Нињо годинава донесе суша и значително повисоки температурата во западните делови на Јужна Америка, зголемувајќи го ризикот од пожари. Минатиот месец, илјадници хектари шума беше уништена во Колумбија.

 

Маја Стојанова