Политика

Раздор во Алијанса за Албанците поради настапот на претстојните избори

04.02.2024 12:56

Врие во Алијансата за Албанците. Функционерите се делат во табори поради различните ставови, за тоа, како и со кого да настапат на претстојните избори. Лидерот Таравари сака во блокот со опозицијата. Други му забележаа дека партиските органи имаат донесено одлука за самостоен настап. Каков и да биде епилогот, од СДСМ не очекуваат проблеми во функционирањето на техничката влада...

Во опозицискиот блок или самостоен настап на изборите – функционерите на Алијансата за Албанците се поделија. Откако партискиот лидер Таравари преку социјалните мрежи побара Централното собрание на партијата да даде „зелено светло“ да му се приклучат на опозицискиот фронт, бидејќи граѓаните посакуваат промена, дел од функционерите, меѓу кои актуелниот министер за правда и генерален секретар на партијата Лога и поранешниот лидер Села го предупредија дека партијата веќе донела одлука, на изборите ќе оди самостојно и оти не може тој како поединец да носи одлуки во име на партијата. Од друга страна, зад Таравари застана актуелниот министер за здравство Меџити.

Внатрешните состојби во Алијансата кулминираат само неколку дена откако новата техничка Влада почна да работи. Сепак, вицепремиерот Маричиќ не очекува партиските превирања да се одразат на работата на кабинетот што го предводи премиерот Џафери.

Претседателот на СДСМ Ковачевски не сака да ги коментира внатрешните случувања во Алијанса, но вели оти тој разговарал со Таравари за односите во коалицијата и функционирањето на техничката влада. Ковачевски вели дека стои понудата до сите партии за коалиција врз основа на европските вредности.

На потегот на Таравари му претходеше понудата од Меџити, Касами и Гаши тој да биде претседателски кандидат на здружената албанска опозиција, но Таравари рече дека не бил заинтересиран.

 

Игор Панов