152 години од раѓањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев
152 години од раѓањето на големиот револуционер и визионер Гоце Делчев. На гробот на великанот во црквата „Свети Спас“, оддадена почит на човекот кој пред век и половина го разбираше светот како поле за културен натпревар на народите. Неговите дела задолжија многу генерации. Годинава, чествувањето мина во достоинствена атмосфера, без инциденти...

Со панихида во црквата „Свети Спас“ почна чествувањето на 152-годишнината од раѓањето на основоположникот на македонската револуционерна мисла, Гоце Делчев. Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.
„Треба да размислуваме, дали Делчев нè смета за родољубци подготвени да ги бранат неговите аманети“ – побара поглаварот на МПЦ-Охридска Архиепископија г.г. Стефан.
Пред вечното почивалиште на Делчев се поклони претседателот Стево Пендаровски, делегации од законодавниот дом и од владата, претставници од политички партии, дипломатскиот кор, здруженија на граѓани и борци, но и младинци кои положија цвеќиња и му оддадоа почит на македонскиот великан. Чествувањето помина достоинствено и без инциденти.
И годинава, околу и во црквата „Свети Спас“ имаше полициско обезбедување и засилени безбедносни контроли. Роденденот на Делчев се одбележа во повеќе градови во земјава, а делегации положија цвеќиња и пред неговиот споменик во градскиот парк.
Наташа Гркова Петрушевска
