Култура

Разговор со Владимир Илиевски во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“

05.02.2024 09:36

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје ја продолжува големата кампања „Читаме современи македонски автори“, во чии рамки книга за месец февруари е романот „Суво мастило“ од Владимир Илиевски. Модератор ќе биде книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски...

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје ја продолжува големата кампања „Читаме современи македонски автори“, во чии рамки книга за месец февруари е романот „Суво мастило“ од Владимир Илиевски. Разговорот со авторот е утре (вторник, 6 февруари) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“. Модератор ќе биде книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски. Клубот на читатели посветен на ова дело е закажан за 29-ти февруари.

„Суво мастило“ е роман во кој авторот вешто ја користи историјата како моќна, објективна и вистинита книжевна подлога, а истовремено гради субјективен книжевен однос и перцепција кон таа вистинитост.

Владимир Илиевски (1970, Скопје) е прозаист, поет и книжевен теоретичар. Дипломира и магистрира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Ги има објавено книгите: Гледач на линија (поезија, 1997), Избор и случајности (поезија, 2000), Мојата лична амортизација (поезија, 2002), Цитатноста во лириката (книжевно-научна студија, 2007), Нема исти утра (поезија, 2008), Ноќна еротска програма (поезија, 2011), Лични податоци (поезија, 2014), Брзината не убива (поезија, 2016) и Пената на црниот бран (раскази, 2018). Дел од творештвото му е преведено на бугарски, хрватски, српски, руски, украински, полски, литвански, италијански и англиски јазик.

„Суво мастило“ е издание на Македоника литера и беше финалист за Роман на годината во 2020-та година.

Во првиот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ (од септември 2022 – до мај 2023 година) ГБСК последователно претстави осум домашни автори и исто толку дела.

Во рамките на вториот циклус, од септември 2023 година досега, беа претставени авторите: Николина Андова Шопова со романот „Естом“, Елизабета Баковска и Сашо Димоски со фотокнигата „Во главата пишувам расказ“, Васко Марковски со монографијата „Урбани приказни“ и Андреј Ал-Асади со стихозбирката „Секој секому огледало“. Романот „Суво мастило“ е петта книга од предвидените осум од вториот циклус кој ќе трае до мај оваа година.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ е дел од стратегијата на ГБСК за силна поддршка на македонските писатели, издавачи, но и на македонскиот јазик.