По „фалсификуваните“ македонски производи се трага низ цела Србија!
Освен институциите, Пионир се мобилизира до таа мера што преку соопштенија бара и граѓаните да пријават до извесна Славица. МТВ ја контактираше...

По Бон бон Нуар се трага низ цела Србија. Таму се запленува се за што се смета дека е копија на производите на Пионир. Ресорното министерство им наложило на инспекциските служби да ја одземат стоката од сите што ги продаваат наводните фалсификати на „Негро“, „Медено срце“ и „Мињон коцки“.
Адвокатот на Пионир, Ангелина Андрејева за МТВ изјави дека според српските закони министерството за трговија има право да им наложи на инспекциските служби да запленуваат стока, дури потоа следува судската постапка.
„Процедурата е таква што најпрво требаше да се обратиме до пазарната инспекција, која во нашиот случај донесе решение, па дури после тоа ќе се оди до судските органи. Менаџментот на двете компании објави разговор со цел решавање на проблемот. Бидејќи од Европа не добивме никаков одговор, ние покренавме постапка“, изјави за МТВ адвокатот на Пионир, Ангелина Андрејева.
Освен институциите, Пионир се мобилизира до таа мера што преку соопштенија бара и граѓаните да пријават до извесна Славица. МТВ ја контактираше.
„-Госпоѓо Славица дали можеме кај вас да пријавиме за фалсификати на производите на Пионир?!
-Да секако дека можете, ние напишавме јасно може да се пријавува и до пазарната инспекција и кај мене, а имаме дојави дури од Австралија...“.
Според српските медиуми до сега се запленети 15 илјади парчиња од производите медењаци Винцини, 9.000 парчиња Бон бон Нуар, и 154 парчиња Мињон коцки.
Компанијата Европа најави дека ќе го тужи Пионир за неосновано обвинување и поради нарушување на угледот на компанија. Инспекцијата се ставила над законите, тврдеше, генералната дректорка Савка Димитрова.
„Лошото е по инспекциите бидејќи се ставаат во служба на една приватна компанија“, нагласи Димитрова.
Од Европа посочија дека на компанијата и се нанесува штета од два милиони евра. Пионир е заинтересиран евентуалниот спор да се реши преку медијаторство.
Фиљана Кока
