Политика

Се разгорува кавгата во Алијанса за Албанците

05.02.2024 11:34

Кавгата во Алијанса за Албанците се разгорува. Вчера нападнат е директорот на Агенцијата за одземен имот, наводно од блиски луѓе на Таравари. Дали постои можност да има смена на министерските места со оглед на тоа дека Меџити застана од страна на Таравари, а Лога зад Села?

Додека трае длабоката разделеност во Алијанса за Албанците за тоа како да настапат на претстојните избори, полицијата трага по напаѓачот на Дритон Небиу, директорот на Агенцијата за одземен имот. Бил нападнат со тупаници во ресторан, како што рекол од приврзаник на претседателот на Алијанса, Арбен Таравари.

Напаѓачот избегал, а полицијата сè уште го бара за да го приведе. Небиу бил нападнат откако завршил пресот на Зијадин Села и неговите приврзаници кои се противат на одлуката на Таравари наместо самостојно, партијата да оди на избори во коалиција со опозицискиот Европски сојуз за промени.

Доцна во неделата дел од министрите на Алијанса и пратеници во Собранието јасно му изразија поддршка на Зијадин Села кој сега е претседател на партиското собрание.

На страната на претседателот на Алијанса за Албанците, Таравари се двајцата министри Азир Алиу и Фатмир Меџити, додека на страната на Зијадин Села за самостоен настап на изборите се министерот Кренар Лога и потпретседателите на партијата Елми Азири и Илире Даути.

Во следниве неколку дена треба да се одржи седница на партиското собрание по што работите би биле појасни во кој правец ќе оди Алијанса на следните избори.

Миле Ристески