Нови напади на САД врз цели на Хутите во Јемен
Продолжуваат нападите на САД врз цели на Хутите во Јемен. Целта е да се заштитат луѓето, бродовите и капацитети низ целиот регион, тврдат од Вашингтон. По акциите на САД се стравува од можно подгревање на тензиите во регионот. Американскиот државен секретар Блинкен во петта посетата откако почна војната Израел-Хамас.

САД извршија нови напади врз Хутите во Јемен, објави американската Централна команда. Погодени се крстосувачка ракета за копнен напад и четири противбродски проектили кои биле подготвени да бидат лансирани против бродови во Црвено Море. Последната акција е еден ден по заедничките американско-британски напади врз цели на Хутите.
„Уверени сме дека претседателот ги има соодветните причини да продолжи да ги спроведува овие напади за да ги заштити нашите луѓе, нашите бродови или морнари, нашите војници и капацитети низ целиот регион“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
Нападите од САД и сојузниците изминатата недела врз цели во Ирак и во Сирија врз милиции поддржани од Иран и Иранската револуционерна гарда, како и врз Хутите во Јемен, наидоа на остра осуда и стравување од подгревање на тензиите и поширока војна со групите сојузници на Иран.
„Мислам дека обидот за решавање на ситуацијата во Газа е навистина, можеби најважното нешто што можеме да го направиме. Токму ова е запаливиот ефект што предизвикува пораст на насилството во Црвено Море и во Ирак и во Сирија“, изјави Генерал Џозеф Л. Вотел, поранешен командант Централната команда на САД.
Израелските оружени сили објавија дека напредуваат во главното упориште на Хамас. Камиони со хуманитарна помош влегоа на јужната граница на Појасот Газа преку преминот Рафах во време кога продолжуваат напорите да се затворат големите јазови меѓу Израел и Хамас во потрагата по примирје.
„Секој напад на воздухопловните сили во Појасот Газа не тера да ја постигнеме целта и да ги вратиме киднапираните. Притисокот врз Хамас функционира, тие се во многу тешка ситуација. Колку повеќе го продлабочуваме оперативното достигнување, толку се зголемуваат шансите да дојдеме до ситуација да не бидеме принудени да војуваме“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Во обид на смирување на тензиите на Блискиот Исток е американскиот државен секретар Блинкен во петта посетата откако почна војната Израел-Хамас. Предвидени се разговори во Саудиска Арабија, Египет, Катар, Израел и на Западниот Брег до 8-ми февруари, соопшти Стејт департментот.
Маријана Димовска
