Чиле

Во Чиле прогласена дводневна жалост поради жртвите во пожарите

05.02.2024 12:05

Расте бројот на загинати и исчезнати лица во пожарите кои го зафатија Чиле. Уништени се домови, земјоделски површини. Со огнената стихија се борат стотици пожарникари, а помош имаат и од локалното население...

Катастрофалната огнена стихија во Чиле не стивнува. Деноноќната борба на чилеанските пожарникари станува алармантна. Над 160 шумски пожари беснеат во земјата. Проголтаа десетици илјади хектари, расте бројот и на загинати. Во црниот биланс се впишаа стотици жртви, многумина се водат за исчезнати. Во Чиле прогласена национална жалост.

„Знаеме дека бројот на жртви значително ќе расте. Бројките што ги даваме се од оние што се потврдени од правната медицинска служба. Сакам да соопштам дека прогласив дводневна национална жалост, бидејќи Чиле страда и жали за починатите“, изјави Габриле Бориќ, претседател на Чиле.

Пеплосани куќи, опустошена голема шумска површина, граѓаните во страв и паника ги напуштаат своите домови – апокалиптичните сцени од незапаметената огнена стихија го обиколуваат светот. Околу илјада и 400 пожарникари и над илјада и 300 припадници на армијата и доброволци веќе неколку дена се ангажирани во гаснењето на над 160 шумските пожари што го зафатија централниот и јужниот дел на Чиле. Најкритично е во регионот Валпараизо. Огнот беснее и во популарното летувалиште Виња Дел Мар.

„Ова е пекол. Експлозии, автомобили. Се обидов да му помогнам на соседот да го изгасне возилото, не можев, користев шишиња со вода. Куќата почна да ми гори од задната страна, успеав да ја изгаснам, ако кажам дека ова е пекол, не е доволно“, изјави Родриго Пулгар, возач.

„Беше страшно. Никогаш во животот не сум доживеала толку страв. Мојот град е во пламен. Сè уште сум вознемирена, мојот син беше многу исплашен“, изјави Ана Карина, работничка во супермаркет.

„Властите се главните луѓе кои треба да се грижат за својата заедница, ама ништо, ништо“, изјави Хорхе Гонзалес, бизнисмен.

Во неколку региони во Чиле извесен период се на удар на топлотниот бран, кој со себе донесе невообичаено високи температури. Јужна Америка годинава е зафатена од феноменот Ел Нињо, што донесе незапамтена суша на јужната хемисфера од планетата, а со тоа и зголемен ризик за пожари. Во минатиот месец, илјадници хектари шума беше уништена во Колумбија.

 

Маја Стојанова