ФЗО на штрајк, граѓаните револтирани
Граѓаните револтирани поради штрајкот на вработените во ФЗО- иако велат дека се итни случаи, не можат да го остварат правото за здравствено осигурување...

Тензична атмосфера пред скопската подрачна единица на Фондот за здравствено осигурување. Граѓаните револтирани поради штрајкот на вработените-иако велат дека се итни случаи, не можат да го остварат правото за здравствено осигурување.
„Дај отворете луѓе. Отвори, отклучи ми.“
Вработен е во фирма за обезбедување, син му е на итна операција, не може да провери зошто нема здравствено осигурување.
„Господине вие итен случај сте? – Да, не ме примаат внатре, а син ми се бори за живот.“
Некои чекаа за осигурување поради итни операции, други да поднесат барање за исплата на боледување.
„Видете господине, ако јас не го поднесам денес боледувањето, нема да имам исплата и јас паѓам во итни случаи.“
„Итен случај сум, утре сум во болница на операција тешка, по нивна грешка во петокот, направиле грешка и ме вратија дојди во понеделник ќе биде готово. Сега што да правиме не знам, здравствено немам.“
Осигурениците кои имаа потреба од медицинско помагало или некоја друга услуга, заминаа без да завршат работа.
„Операција имам направено поради рак на дебело црево и еве ме враќаат. Кеси ми требаат, мене ми се потребни тие кеси. А приватно да ги купам немам пари.“
„Пишуваше дека еден шалтер ќе работи за прием на документи, јас требаше да поднесам документи.“
Иако сите вработени беа на работните места, во подрачните служби работеше само по еден службеник, кој според најавите требаше да ги прима документите за итни случаи.
Доколку штрајкот продолжи и во наредните денови целото јавно здравство може да остане без плата, а болниците без лекови и друг медицински материјал. Нема да се исплаќаат боледувања за породилно и други отсуства кои се на товар на Фондот.
Андријана Ѓурческа
