МРТ на врвот од „Скај Сити“: Џеваир Холдинг гради еден кат за 5 дена

10.06.2014 18:06

На 41-ви кат на една од кулите на Џеваир Холдинг се пружа најубавиот поглед на Скопје...

Со ритам од 5 дена за еден кат Џеваир Холдинг ги гради четирите висококатници во скопски Аеродром. За прв пат највисоката платформа во метрополата, на 41-кат беше отворена за медиумите. Со примена на посебни стандарди за безбедност, според Еуро 8 протоколот, турската компанија го отвори градилиштето на кое почнува ставањето на фасадата на првата кула .

На 41-ви кат на една од кулите на Џеваир Холдинг се пружа најубавиот поглед на Скопје.

Практично највисоката точка на кулата во целиот регион се наоѓа на 366 метри, идентична надморска височина со зградата на ИЗИС на Водно. Истовремено забрзано се работи и на внатрешното уредување на становите. Менаџментот нагласува дека приоритет имаат безбедноста и квалитетот.

„Контролата на квалитетот се врши овде на лице место. Арматурата доаѓа од Сиденор, од Грција. Се испитува и таму и овде, во лабораторијата на Градежниот факултет. Бетонот доаѓа од Беровиќ, а контролата на квалитетот ја врши Геоконтрол“, вели Љупчо Марковски- шеф на градилиште на Џеваир Холдинг.

Според проектот ќе бидат изградени вкупно 1.376 апартмани, а првите жители ќе се вселат на почетокот на 2016-та. Веќе се продадени 70 станови, а цената се движи од 1.100 евра за квадрат и зависи од катноста. Вредноста на турската инвестиција  надминува 300 милиони евра, и е најголема во земјава.

На жителите и на гостите во четирите кули во Аеродром ќе им бидат на располагање  вкупно 6 лифтови, а од долниот кат па до врвот ќе се патува со брзина од 4 метри во секунда.

 

Свето Николовски