Продолжуваат нападите на САД врз Хутите во Јемен
Продолжуваат нападите на САД врз цели на Хутите во Јемен. Целта е да се заштитат луѓето, бродовите и капацитети низ целиот регион, тврдат од Вашингтон. По акциите на САД се стравува од можно подгревање на тензиите во регионот.

САД извршија нови напади врз Хутите во Јемен, еден ден по заедничките американско-британски напади врз цели на милитантната група. Претходно, Вашингтон го предупреди Иран и милициите што ги вооружува и финансира дека ќе изврши повеќе акции доколку американските сили на Блискиот Исток продолжат да бидат цел. Иран се закани, нема да се двоуми да одговори.
„Уверени сме дека претседателот ги има соодветните причини да продолжи да ги спроведува овие напади за да ги заштити нашите луѓе, нашите бродови или морнари, нашите војници и капацитети низ целиот регион“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
Заменик-министерот за надворешни работи на Јемен во Сана, под контрола на Хутите, ги обвини САД за случувањата во Црвено Море.
„Америка е првата и единствена страна што ја загрозува поморската пловидба. Таа го милитаризираше Црвено Море, а исто така ја нападна нашата земја. Нивните бродови не беа наведени меѓу бродовите нападнати од Хутите. Наше право е да спречиме која било непријателска земја да ги премине нашите регионални води“, изјави Хусеин ал-Ези, заменик министер за надворешни работи на Јемен.
Последните случувања на Блискиот Исток и нападите од САД и сојузниците врз цели во Ирак и во Сирија, како и врз Хутите во Јемен, наидоа на остра осуда и стравување од поширока војна со групите сојузници на Иран.
„Мислам дека обидот за решавање на ситуацијата во Газа е навистина, можеби најважното нешто што можеме да го направиме. Токму ова е запаливиот ефект што предизвикува пораст на насилството во Црвено Море и во Ирак и во Сирија“, изјави Генерал Џозеф Л. Вотел, поранешен командант Централната команда на САД.
Израелските оружени сили објавија дека напредуваат во главното упориште на Хамас. Камиони со хуманитарна помош влегоа на јужната граница на Појасот Газа преку преминот Рафах. Во тек се дипломатски напори за да се затвори јазот меѓу Израел и Хамас во потрагата по примирје. Во обид на смирување на тензиите на Блискиот Исток е американскиот државен секретар Блинкен во петта посетата откако почна војната Израел-Хамас.
Маријана Димовска
