Македонија

Предизвици на студентите во студентските домови

05.02.2024 15:37

За студентите не се важни само стипендиите и ваучерите. Во студентските домови години наназад се води битка за достоинствени услови за живот-од собите во кои престојуваат, храната, но и безбедноста…

Студентите кои живеат во Студентскиот дом „Стив Наумов“ велат дека не се чувствуваат безбедно. Студентскиот правобранител испратил и барање до МВР за засилена полициска контрола меѓутоа сè уште немаат добиено одговор.

Ивона Тодорова која е студент и престојува во „Стив Наумов“ вели дека без трошка грижа на совест може да каже дека условите се мизерни бидејќи академски граѓани живеат во влага без основни човечки услови, а со 140 денари надоместок не можат да се нахранат. Се плашат и за нивната безбедност.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ е реновиран во 2019-та и студентите од таму велат дека за разлика од колегите од „Стив Наумов“ имаат подобри услови но сепак се соочуваат со проблеми. Во него се сместени околу 1.000 студенти.

Директорот на државните студентски домови, Велевски уверува дека секој оброк се подготвува по претходно изработен норматив и се трудат секој ден храната да е разновидна.

И во Студентскиот дом „Пелагонија“ студентите поголем дел од времето поминуваат справувајќи се со проблемите кои им се создадени, бидејќи како што велат самото министерство не се залага за нив. Во кујната недостасува персонал и квалитетна храна.

Во наредниот период, предвидено е студентскиот дом „Стив Наумов“ целосно да се реновира. Потпишан е договор од страна на Министерството за образование со инвеститор и почнати се подготвителни работи. А во тој проект ќе биде и реновирана студентската менза во домот „Гоце Делчев“.

Ана Јосифоска-Тодоровска