До сега 11 деца заразени со салмонела во Берово
Кај 11 деца од Берово до сега е потврдена зараза со салмонела. После првите случаи минатата недела земени се мостри од градинката која ја посетувале, но од досегашните резултати таму не е утврдено присуство на бактеријата. За сега нема најава за проширување на обемот на испитувања во други компании на некој начин поврзани со градинката „23 август“ во Берово, каде се згрижени околу двеста деца …

Од минатата недела до денес кај 11 деца од беровската детска градинка „23 август“ е потврдено присуство на бактеријата салмонела. Испитувањата ги врши Центарот за јавно здравје Кочани, од каде информираат дека од до сега испитаните мостри од површините, храната и вработените во градинката, ниту една не е позитивна.
Утре и задутре се очекуваат резултатите за преостанатите мостри, а во меѓувреме се вршат епидемиолошки анкети. Кај првите пет заболени деца се утврдило нивна поврзаност, а дали новите шест пациенти се поврзани со нив, сè уште не е познато.
Доколку ниту една мостра не покаже присуство на салмонела во градинката, епидемиолошките служби ќе утврдат дали ќе се прошири обемот на испитувања на други компании или настани во овој период во Берово.
Славица Величковска
