Штрајк

Продолжува штрајкот на вработените во ФЗОМ

06.02.2024 09:23

Втор ден штрајк на вработените во Фондот за здравство. Работи само еден шалтер за итни случаи. Незадоволството е поради најавеното намалување на платите за 21 насто. Од Синдикатот велат дека парите за нивните плати се само дел од проблемите со кои се соочуваат вработените.

Вработените во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) втор ден штрајкуваат поради најавите за кратење на нивните плати. Сите подрачни единици и денеска нема да извршуваат работни задачи, освен најитните. Според најавеното, ќе бидат скратени услугите кои се однесуваат на барање за рехабилитација, за ортопедски помагала, заверка на ортопедски помагала, за надомести за породилно отсуство и за исплата на боледување, за осигурување во странство, за двојазични обрасци итн. Непречено ќе работат лекарските комисии што ги продолжуваат боледувањата на вработените за тие што имаат потреба.

Трпе Деаноски упати апел до Владата, на денешната седница, на која веќе пратиле допис до техничкиот премиер Талат Џафери, да отвори точка на дневен ред, да се разгледа нивното барање.

Целосна поддршка на штрајкот на вработените во ФЗО – УПОЗ стигна од Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи (ССКЦ) во државата. Претседателот на овој синдикат, Предраг Серафимовски, вчера изјави дека се надева дека УПОЗ ќе се избори во остварувањето на правата на своите членови, коишто им следуваат согласно законите, колективните договори и меѓународното трудово законодавство.

Доколку се исполни намалувањето на платите во ФЗО, согласно препораката како што ја дава Владата, според синдикатот, околу 500 вработени ќе примаат плата под минималецот.