Прв меѓународен лет за медицински транспорт со хеликоптер на МВР
Употребата на Медикоптерот претставува значаен напредок во националната способност да се пружи итна медицинска помош на тешко достапни места, но и на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи.

Утрово дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски и директорот на Градската Општа болница „8-ми Септември“ д-р Христијан Костов присуствуваа на првиот меѓународен реализиран лет со хеликоптер од Одделот за воздухопловни единици при МВР со кој за медицински цели беше транспортирано лице - пациент од Скопје до Виена, Австрија.
„Оваа наша хумана мисија не само што ја демонстрира кооперативноста на двете Министерства за внатрешни работи и Министерството за здравство кон подобрување на услугите за граѓаните, туку и го потенцира значењето на интеграцијата на модерните технологии и ресурси во спасувачките и медицинските операции“, истакна Бојамацалиев.
Притоа, тој појасни дека употребата на Медикоптерот претставува значаен напредок во националната способност да се пружи итна медицинска помош на тешко достапни места, но и на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи.
Од страна на директорот на ГОБ „8-ми Септември“, д-р Христијан Костов беше истакнато дека во најкраток временски период се докажа подготвеноста и кооперативноста на МВР и МЗ, со цел подобрување на услугите за граѓаните преку обезбедување на медицинска помош на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи.
