Србија

Српското Собрание конституирано со аплаузи, свирежи и транспаренти

06.02.2024 12:50

На конститутивната седница на српското Собрание, потврдени се мандатите на 250 избрани пратеници. Народните пратеници од опозициската „Србија против насилството“ на почетокот на седницата свиркаа и носеа транспаренти. Додека пратениците од власта положуваа заклетва, пратениците од опозицијата ја напуштија салата...

Почна конститутивната седница на српското Собрание, на која се потврдија мандатите на 250 избрани пратеници, кои положија заклетва, по што ќе се бира претседател на Собранието и други тела.

Народните пратеници од опозициската „Србија против насилството“ на почетокот на седницата свиркаа и носеа транспаренти. Тие излегоа од своите клупи и застанаа поблиску до говорницата. За тоа време на балконот на Собранието беше развиен транспарент насочен против опозицијата, што пратениците на СНС го дочекаа со аплауз.

Откако Верификациската комисија го потврди извештајот за сите 250 пратенички мандати, претседавачот со конститутивната седница, најстариот пратеник Стојан Раденовиќ, соопшти дека со ова Собранието е конституирано, по што пратениците од власта положија заклетва.

За тоа време пратениците од опозицијата ја напуштија салата, па дадоа заклетва во холот на Собранието, не сакајќи да положат заклетва, како што кажаа, со лица кои добија мандати со кражба на изборите.

По полагањето заклетва, претседавачот со конститутивната седница ја заврши денешната работа на Собранието.

Во парламентот влегоа 250 пратеници, коалицијата околу „Српската напредна партија“ ќе има 129 пратеници, „Србија против насилство“ 65, „Социјалистичката партија на Србија“ 18, коалицијата „НАДА 13“ и „Ние – гласот на народот“ на Бранислав Несторовиќ-13 пратеници.

Останатите 12 мандати им припаднаа на малцинските партии.

Рокот за формирање на Влада е 90 дена од денот на конституирањето на Народното собрание.

 

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ