САД

Границата меѓу Тексас и Мексико камен на сопнување во предизборието во САД

06.02.2024 12:56

Состојбата на границата меѓу Тексас и Мексико подолго време е камен на сопнување меѓу демократите и републиканците. Мигрантите чекаат да им бидат процесуирани барањата за азил. Демонстранти постојано излегуваат на улиците во Тексас против имиграциската политика на Бајден...

Администрацијата на Бајден го поддржува двопартискиот законски пакет од 118 милијарди долари, кој вклучува помош за Украина и Израел, хуманитарна помош за цивилите погодени од конфликти во светот, како и средства за безбедноста на границите на САД. На планот се противат Доналд Трамп и неговите сојузници, кои го сметаат за слаб во однос на справувањето со мигрантите.

„Мојата порака до спикерот Џонсон е да обрне внимание на она што го прави Сенатот. Границата е прва работа. Немаме доволно агенти, доволно луѓе, немаме доволно судии. Ни треба помош. Ќе ги отвориме патиштата на законитоста и ќе ги затвориме оние што не доаѓаат преку влезните точки“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Состојбата на границата меѓу Тексас и Мексико поголем период е камен на сопнување меѓу демократите и републиканците, во време кога секојдневно стотици мигранти пристигнуваат на граничната ограда. Додека чекаат барањата за азил, да им бидат процесуирани, мигрантите живеат во шатори и импровизирани кампови.

„Среќен сум што стигнав овде, знам дека ќе ги исполнам моите соништа. Не е лесно да се успее овде. Мексико беше катастрофа, тие се однесуваа со нас лошо, навистина лошо“, вели Хуан Андрес Валверде, мигрант.

Камповите најверојатно ќе исчезнат според новиот нацрт-законот на Сенатот кој ќе направи големи промени во законите за имиграција и ограничувањето на барањата за азил.

„Според овој нов нацрт-закон, предвидени се нови овластувања за федералната влада. Може да биде применета моќ што ќе ги блокира луѓето што пристигнуваат помеѓу влезните пристаништа од можноста да поднесат барање за азил. Се овозможува приведување помеѓу влезните пристаништа. Ако барате азил, нема да ви биде дозволено и би можеле брзо да бидете депортирани од САД во Мексико“, изјави Грег Чен, виш директор за владини односи во Американското здружение на правници за имиграција.

Демонстранти постојано излегуваат на улиците во Тексас против имиграциската политика на американскиот претседател Џо Бајден. Ставот на државата е дека федералната влада не прави доволно за да го спречи големиот број илегални мигранти кои секојдневно ја минуваат границата. Гувернерот Абот продолжи да гради ограда на границата иако Врховниот суд пресуди дека федералните агенти можат да ја исечат оградата по должината на реката Рио Гранде.

 

 

Маријана Димовска