Избори

Митрески: Изборите ќе се распишат на 14-ти февруари

06.02.2024 13:47

Претседателот на Собранието Митрески одлучил да ги распише изборите на 14-ти февруари. До првиот круг на претседателските избори на 24-ти април може да се донесат и измените на Изборниот законик, смета премиерот Џафери. Првиот човек на Државната изборна комисија Даштевски е убеден дека може да се спроведат изборите и со 6 членови...

На 24-ти април ќе се одржи првиот круг за претседателските избори, што значи дека нивното распишуваше треба да биде на средината на февруари – собранискиот спикер Митрески пресече. На 14-ти месецов ќе го почне процесот.

„Имам конечен заклучок дека изборите претседателските ќе ги распишам на 14-ти февруари планот ми е на истиот датум да ги распишам и парламентарните избори“, изјави Јован Митрески, претседател на Собранието.

Премиерот Џафери најави дека ќе почека до следната недела политичките партии во Собранието да се договорат околу измените на Изборниот законик, ако тоа не се случи, Владата ќе повлече потег.

„Доколку нема предлог поконкретен во однос на она што е драфтот, под претпоставка дека е усогласен и затоа го правевме како драфт да го видат пратениците, да го пуштат во постапка. Тогаш владата уште еднаш ќе го разгледа како материјал тој драфт, ќе го прати на Собранието во соодветна постапка и тогаш настапуваат обврските на Собранието да го донесе Изборниот законик. Имајќи предвид дека од распишување до одржување на изборите има 70 дена минимум, сметам дека е доволно време и да се донесе законот и да се постапи соодветно според одредбите од законот“, изјави Талат Џафери, претседател на Владата.

Државната изборна комисија може да ги спроведе претстојните избори и со шест членови, но корисно би било да имаме и 7 член, изјави претседателот на комисијата Даштевски.

„Според деловникот можеме да функционираме и со 6 членови сосема солидно. Секако би ни било од полза доколку се избере седмиот член. Тоа го оставам нели на надлежните органи, односно на Собранието на Република Македонија, не можеме во тоа да се мешаме“, изјави Александар Даштевски, претседател на ДИК.

Набљудувачите од ОДИХР во повеќе наврати советуваа измените на Изборниот законик да се направи најмалку 6 месеци пред денот на изборите.

 

 

Ирина Гелевска