Свет

Продолжуваат разговорите за примирје во Газа, ситуацијата на терен ескалира

06.02.2024 14:20

Во појасот ситуацијата вжештена. Израелската офанзива продолжува со полна сила. Министерот за одбрана тврди дека лидерот на Хамас е во бегство и веќе не командува со организацијата. Повикува на политичко дејствување во воената кампања.

Примирјето во Газа, мисија на американскиот државен секретар Блинкен. По Саудиска Арабија, разговорите ги продолжи со египетскиот претседател Ал Сиси. Во истовреме, Јемен го смени премиерот. На негово место поставен човек близок до Саудиска Арабија. Нападите на Хутите продолжија. Погодени американски и британски бродови.

„Ударите беа директни и прецизни. Оружените сили на Јемен ќе продолжат со воените операции против сите американски и британски непријателски цели во Арапско и Црвено море“, изјави Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.

Не престанува ниту ракетирањето на Хезболах од Либан. Во последниот напад повредени двајца израелски војници. ООН предупредуваат за ризикот од натамошна ескалација.

„Апелирам до советот да продолжи активно да ги ангажира сите засегнати страни за да се спречи натамошна ескалација и влошување на тензиите кои го поткопуваат регионалниот мир и безбедност“, вели Розмари Ди Карло, заменик-генерален секретар за политички и мировни прашања на ООН.

Во појасот ситуацијата вжештена. Израелската офанзива продолжува со полна сила. Министерот за одбрана тврди дека лидерот на Хамас е во бегство и веќе не командува со организацијата. Повикува на политичко дејствување во воената кампања.

„Военото достигнување вклучува политичка акција. Само унапредувањето на политичката алтернатива ќе обезбеди крај на владеењето на Хамас. Нема да има цивилна израелска контрола во појасот, а израелската одбрана има целосна воена слобода на дејствување“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Додека очајните цивили чекаат, активисти го блокираат преминот Керем Шалом за да спречат влез на хуманитарна помош во Газа. Поранешната француска министерка Колона ќе раководи со истрагата за скандалот во УНРВА.

Бојана Крстевски