Харадинај за премиер на Косово- неуставен предлог?!
Коалицијата на Демократскиот сојуз на Косово, Алијансата за иднина на Косово и Иницијативата за Косово формираа постизборна коалиција која го предложи Харадинај за премиер...

Според претставници на Уставниот суд и кабинетот на претседателката на Косово, Атифете Јахјага, предлогот на опозиционитe партии на Албанците кои велат дека Рамуш Харадинај треба да биде нов премиер на косовската влада е неуставен.
Коалицијата на Демократскиот сојуз на Косово, Алијансата за иднина на Косово и Иницијативата за Косово формираа постизборна коалиција која го предложи Харадинај за премиер. Добија поддршка и од движењето Самоопределување на Албин Курти.
Претседателот на косовскиот Уставен суд Енвер Хасани вели дека коалиција подразбира обединување на партии кои пред изборите направиле договор и на изборите добиле мнозинство гласови.
Според него, доколку не биде изгласана владата, претседателот на државата во рок од десет дена по иста процедура одредува друг мандатар за состав на владата. Доколку и тогаш не се изгласа Владата, шефот на државата закажува нови вонредни парламентарни избори, кои треба да се одржат најдоцна за четириесет дена.
