Енергетика

Четири енергетски компании добиваат статус на стратешки инвеститори, експертите реагираат

06.02.2024 15:08

Најголемо внимание предизвика грчката фирма „Митилинеос“, откако дел од експертите предупредуваат дека случајот претставува „втор Чебрен“. Компанијата треба да вложи 180 милиони евра, да добие државно земјиште во Гази Баба што ќе го користи 30 години, а дополнително од државата за пет години да добијат 50 милиони евра...

Четири компании од енергетскиот сектор да добијат статус на стратешки инвеститори. Вакви предлог-закони се испратени во Собрание. Предвидено е вложување од над 800 милиони евра за изградба на капацитети за производство на струја и топлинска енергија. Властите велат дека за инвеститорите има и поволности и услови.

Најголемо внимание предизвика грчката фирма „Митилинеос“, откако дел од експертите предупредуваат дека случајот претставува „втор Чебрен“. Компанијата треба да вложи 180 милиони евра, да добие државно земјиште во Гази Баба што ќе го користи 30 години, а дополнително од државата за пет години да добијат 50 милиони евра.

Властите велат дека тоа ќе обезбеди парно греење за 35.000 домаќинства, но, на прашањето зошто државата не ја изгради сама, велат дека поради кризата ЕСМ нема сопствени средства за ваков проект.

„Стравот не треба воопшто да го има. Од земја која увезува значителна количина на електрична енергија, заради енергетската стабилност на Европа се бара извор плус и нашата држава е извор плус, бидејќи се перципираме како земја која е во Европа и се гледа како значителен придонесувач во енергетската транзиција и тоа е убавината на ЕУ“, велат надлежните.

Договорите кои се составен дел од овие четири предлог-закони се штетни по нашата економија и ќе предизвикаат финансиски колапс на Македонија, реагираат од Здружението на инженери на Македонија. Оттаму ги повикаа пратениците да не дадат зелено светло.

Освен гасната когенеративна централа на „Митилинеос“, другите проекти се однесуваат на изградба на соларни паркови и за капацитет за балансирање во мрежата.

Викторија Милевска