Клучна недела за иднината на Алијанса за Албанците
Зијадин Села за в сабота свика Централно собрание. Таравари пред поддржувачите изрази уверување дека ќе бидат надминати несогласувањата, посочувајќи дека мора да се почитува ставот на мнозинството...

По низата спротивставени ставови изнесени од членството на Алијанса за Албанците за начинот на дејствување на претстојните избори, Зијадин Села за в сабота свика Централно собрание. Прво ќе го разгледаат извештајот на претседателот на партијата, Арбен Таравари, па ќе се разговара за одлуката за самостоен настап на изборите, нешто што го застапуваат села и неговите приврзаници наспроти лидерот Таравари кој сака да му се приклучат на опозицискиот Европски сојуз за промени.
Алијанса за Албанците има тројца министри во техничката влада. Премиерот Џафери во интервју за МИА, вели дека ги следи случувањата, очекува секој член да се изјасни. Не ја исклучува можноста до Собранието да достави други предлози.
Таравари пред поддржувачите изрази уверување дека ќе бидат надминати несогласувањата, посочувајќи дека мора да се почитува ставот на мнозинството. Но, не се исклучува можноста доколку има двотретинско мнозинство да биде разрешен партискиот лидер. Длабокиот раскол – причина и за инциденти откако беше нападнат директорот Небиу, а за Таравари беше оставен куршум.
Наташа Гркова-Петрушевска
