Министрите Алиу и Меџити се жалат на притисоци
Кадровската комисија на Алијанса побара, министрите Меџити и Алиу не планираат да поднесат оставки од функциите. Се пожалија на притисоци откако Владата разрешила двајца директори. Сабота состанок на Централното собрание...

Нема да поднесеме оставка – порачаа министрите за информатичко општество и администрација и за здравство, Алиу и Меџити откако кадровската комисија на нивната матична партија и коалициски партнер во владата, Алијанса, побара техничкиот премиер Џафери да ги разреши зашто се однесувале спротивно на етичкиот кодекс и вршеле притисоци врз партиски членови. Алиу и Меџити пак, незадоволни од тоа што сите точки од нивните ресори биле одбиени на последната владина седница, на која беа разрешени и двајца директори во „Македонски пошти“ и во „Инвестирај во Македонија“, кои се блиску до Таравари, кому тие му дадоа отворена поддршка.
Техничкиот премиер Џафери, во интервју за МИА, вели дека ги следи случувањата и дека ќе постапи согласно неговите надлежности.
Превирањата во Алијанса доаѓаат непосредно пред одлуката за тоа како партијата да се позиционира и да дејствува на претстојните избори. Дел од членството, меѓу кои Алиу и Меџити, ја поддржува идејата на лидерот Таравари за приклучување кон албанската опозиција, а дел го поддржуваат поранешниот лидер Села за самостоен настап на изборите.
Сите отворени прашања во Алијанса се очекува да бидат разрешени на состанокот на Централното претседателство, најавен за во сабота.
Марија Котовска
