„Детско приjателство“ во Штип помеѓу деца од шест општини од регионот
Колонијата „Детско пријателство“ пристигна во Штип. Дечињата од предучилишна возраст поврзуваат шест општини од Црна Гора, Србија, Република Српска и од Македонија...

30 дечиња од предучилишна возраст од шест општини од Црна Гора, Србија и Република Српска пристигнаа во Штип како дел од колонијата „Детско пријателство“. Намерата е да се дружат и да учат едни за други.
„Кога децата на шест години ги носите да запознаат врсници надвор од нивната зема, тоа е голема работа. Нашиот и македонскиот народ се многу блиски и тоа треба да го знаат и да го почувствувата најмладите“, изјави Наташа Радуловиќ, директорка на Центар за предучилишна возраст во Бања Лука, Република Српска.
Заедничките средби се повод и за размена на искуства во делот на наставните програми. Особено интересна е работата на градинката во Цетиње , која со своите 111 години на постоење е најстарата градинка на овие простори.
„Ние работиме за интересот на децата и не се држиме строго по програмите. Тоа значи дека некоја тема не мора да се заврши за една недела колку што е предвидено, туку ако на децата им е интерсно може да се продолжи и еден месец“, вели Сенка Луксановиќ, директорка на ДГ „Загорка Ивановиќ“ – Цетиње, Црна Гора.
Овие средби оставаат длабоки траги во меморијата на децата.
„Многу ми е убаво да се дружам со моите врсници од Македонија“, вели Михајло од Сомбор.
„Си играме, пееме, учиме, цртаме“, вели Софија од Цетиње.
„Убаво се запознавме со другарчињата од Србија“, вели Мелани од Штип.
Освен во градинката, гостите ќе ги запознаат Штип, Аква паркот и Лесновскиот манастир во Пробиштип, а време ќе има да се посети и Скопје.
Оливера Жежова
