„Војдан Чернодрински“: Режисерот и композиторот- главни чинители на постмодерниот театар
На средината од театарскиот фестивал во Прилеп, паралелно со актерскиот пристап се отвора уште една тема- што придонесува за подобро обликување на претставите? Музиката секако, но најбитен е текстот, велат театролозите. Пресек од „Војдан Чернодрински“...

Десет претстави, од кои пет во официјалната конкуренција за награди досега со аплаузи испрати фестивалската публика во Прилеп. Богата програма, полни сали. МТФ Војдан Чернодрински на половината од своето 49 издание.
Не само што треба да ги награди најдобрите остварувања на македонските театри, Фестивалот „Војдан Чернодрински“ отвора и повеќе прашања што ја обликуваат претставата, но и за промоција на новите драмски имиња.
Во постмодерниот театар режисерот и композиторот стануваат главните чинители на претставата. Ова е годинашна главна фестивалска тема. Македонија нуди врвни композиторкси имиња.
„За мене е идеал кога одредена музика во одредена претстава ќе почне да игра заедно со актерот“, вели Горан Трајковски, композитор на театарска музика.
„Може да се пофалиме со големи автори, како што се: Венко Серафимов, Марјан Нечак, Горан Трајковски, тука се „Фолтин“, Оливер Јосифовски. Ни даваат за право да кажеме дека сме една голема велесила во овој дел од Европа“, вели Дејан Пројковски, режисер и уметнички директор на Македонскиот народен театар.
Фестивалот има обврска да ги охрабрува и промовира и новите македонски драматурзи.
„Тоа е еден начин некој да не забележи и да соработуваме во иднина со режисерите“, вели Маре Ристевска, млад драматург.
На прагот на 5 децениското постоење. Војдан Чернодрински останува репер за постигнувањата во македонскиот театар.
„Фестивалот има исклучително важно место. Место на кое еднаш годишно се прави рекапитулар на македонската театарска продукција, да знаеме како понатаму“, вели театрологот Јелена Лужина.
Вечерва се уште три претстави од кои две во трката за награди- штипскиот театар ја игра „Мрачна комедија“, а драмски „Евангелие на глупоста“.
Елизабета Митреска
