Се влошува ситуацијата на Блискиот Исток
Се разгорува ситуацијата на Блискиот Исток. Израелски напади во Сирија, додека американскиот државен секретар е во мисија за нов мировен договор во Газа. Хуманитарната криза се влошува...

Загинати и повредени во израелски воздушни напади врз сирискиот град Хомс-соопшти сириската војска. Тел Авив засега молчи. Американскиот државен секретар на разговори со Нетанјаху. Го пренесува ставот на Хамас кој позитивно одговори на меѓународниот предлог за прекин на огнот во Појасот Газа.
„Ќе разговарам за тоа со владата на Израел. Има уште многу работа. Веруваме дека договорот е можен и навистина суштински, и ќе продолжиме неуморно за да го постигнеме“, изјави Антони Блинкен, државен секретар на САД.
„Одговорот од Хамас вклучува некои коментари, но во целост е позитивен. Поради чувствителноста не можеме да навлегуваме во детали“, изјави Шеик Мохамед Бин Абдулрахман Ал-Тани, премиер на Катар.
Терористичката група предлага трифазен прекин на огнот во текот на 135 дена што би довел до крај на војната. Воениот кабинет на Израел претходно соопшти дека можниот договор нема да влијае – заканата од Хамас да биде отстранета.
„Враќањето на заложниците е составен дел од победата и не ја заменува нашата должност да се отстрани заканата на Хамас. Ако постигнеме договор, тоа ќе биде чекор на патот кон победата“, изјави Бени Ганц, министер за воен кабинет на Израел.
Додека траат интензивните преговори, борбите на терен продолжуваат. Сè полоша станува хуманитарната криза. Повеќе од половина милион луѓе се соочуваат со глад.
„Имавме леќа и малку ориз и ги зготвивме, ова беше последниот луксузен оброк што го имавме, после тоа само Господ знае што ќе јадеме“, изјави Абу Мухамед Ал-Рифаи, раселено лице од Газа.
Помошта се потешко пристига до засегнатите подрачја по скандалот во УНРВА и секојдневните блокади на активистите на граничните премини.
Бојана Крстевски
