Во Лондон почна светскиот Самит за борба против сексуалното насилство во војните
Целта на самитот е создавање нов меѓународен протокол, за документирање и истражување на сите случаи на сексуално насилство, во услови на воени судирања...

Во Лондон почна светскиот самит посветен на борбата против сексуалното насилство во војните. Домаќини на самитот се британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг и специјалниот пратеник на ОН, Анџелина Џоли.
Целта на самитот е создавање нов меѓународен протокол, за документирање и истражување на сите случаи на сексуално насилство, во услови на воени судирања, како и за охрабрување на државите низ светот, за заострување на домашните законодавства, за обвинувања и казнување на ваквите злосторства.
„Ова ќе биде најголемиот собир посветен на овие теми. Во последниве две години, јас и Анџелина работевме на ова прашање интензивно“, изјави Вилијам Хејг, министер за надворешни работи на Обединетото Кралство.
„Пресреќна сум што сум овде, работевме многу долго и напорно. Разговаравме за жените што ги запознавме на патувањата, нивните искуства и неправдата којашто им била нанесена“, рече специјалниот пратеник на ОН, Анџелина Џоли.
На самитот учествуваат високи претставници од 140 земји, како и десетици разни невладини организации. Грција не е меѓу нив во знак на протест поради присуството на македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и употребата на уставното име на Република Македонија на настанот.
Маја Филдишев
