Препорака за прогласување епидемија на голема кашлица во Скопје, бројот на заболени расте
Расте бројот на заболени со голема кашлица. Комисијата за заразни болети бара прогласување епидемија на територијата на Скопје. Надлежните апелираат децата да се вакцинираат, бидејќи бактеријата се пренесува лесно..

По 18 потврдени случаи на голема кашлица во земјава, Комисијата за заразни болести препорача прогласување епидемија на територија на Град Скопје. Во изминатите денови бројот расте, особено во главниот град, каде се потврдени 14 случаи.
Се предлага вакциналните пунктови да работат во две смени, а дополнително да се работи и во сабота. Препорака е и да се забрани прием на невакцинирани деца за пертусис во градинките.
Комисијата очекува овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација, бидејќи фокусот е заштита на најмалите.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски вчера нагласи дека прогласувањето на епидемија звучи малку страшно, но, дека реално треба да се олесни справувањето со ризикот што доаѓа со оваа болест.
Исто така се очекува да излезе подготвено упатство за постапување во услови на епидемија од страна на Институтот за јавно здравје, а клучните активности се очекува да бидат насочени на пополнување на промашените вакцини.
