Евроинтеграциите одат преку Холандија!

11.06.2014 12:56

Официјален Хаг ја поддржува идејата преговорите за името да се одвиваат паралелно со старт на претпристапниот дијалог за членство во Европската Унија. Дали препораката за почеток на преговори ќе биде повторена и во наредниот годишен извештај за напредокот на земјата, најмногу ќе зависи од внатрешните случувања во Македонија...

Почитувањето на критериумите од Копенхаген не завршува со влез на една земја во Европската Унија. Долгогодишниот европратеник од Холандија, Маринус Виерсма, за МТВ вели дека официјален Хаг инсистира на механизам кој ќе врши мониторинг и внатре во Унијата.

„Не е фер да се бара почитување на човековите права, слобода на медиуми од земјите кандидатки, но не и од нас самите. Холандија се залага за обратното- да се воспостави правило кое ќе важи и за членките“, вели искусниот политичар коментирајќи ги случаите како Грција и Бугарија, обете членки на ЕУ, каде со години се забележува грубо прекршување на малцинските права.

Сепак објаснува дека приоритет е економската стабилност. Буџетската криза, според него, ја сменила дебатата за функционирањето на Унијата. Токму затоа, вели Виерсма, силни се залагањата за зајакнување на националните парламенти како коректив на владите кога станува збор за европски прашања. Во декември лани, холандскиот парламент се спротивстави на доделување кандидатски статус на Албанија. Притисокот од Хаг беше клучен Србија да почне да соработува со Трибуналот за воени злосторства и подоцна да ги деблокира своите евроинтеграции со постигнатиот договор за релациите со Косово.     

„За 4-5 години Црна Гора ќе стане членка на Унијата, а на Србија ќе и треба малку повеќе време. Случајот со Македонија е компликуван, но нема друг излез освен компромис и историјата да се остави на страна“, изјави Виерсма за МТВ.

Во холандското министерство за надворешни работи брифираат дека проширувањето на Унијата на е доведено во прашање. Повторуваат дека случајот со брзиот влез на Романија и Бугарија беше грешка и затоа правилата за идните членки се построги.

„Од ваша перспектива не е фер да се заоструваат критериумите за членство, но треба да се разбере и нашата позиција. Ние дома, во нашата јавност, треба да го оправдаме процесот на проширување. Затоа се бара доследно почитување на медиумските слободи, малцинските права, владеење на правото и контролирање на буџетскиот дефицит“, изјави извор во МНР на Холандија.

Официјален Хаг ја поддржува идејата преговорите за името да се одвиваат паралелно со старт на претпристапниот дијалог за членство во Европската Унија. Дали препораката за почеток на преговори ќе биде повторена и во наредниот годишен извештај за напредокот на земјата, најмногу ќе зависи од внатрешните случувања во Македонија.

Освен континуирана политичка поддршка, Холандија е најголемиот донатор во Македонија од независноста до денес.

 

Од Хаг, Душко Арсовски