Македонија

46- годишен охриѓанец поради болест не може да се грижи за себе

08.02.2024 11:54

46-годишниот Игор Трајчески од Охрид кој боледува од епилепсија и лесна душевна заостанатост по смртта на неговата мајка не е способен сам да се грижи за себе. Тоа го тврди познаник на неговото семејство кој од хумани причини во изминатите денови се грижи за него, но истото го тврдат и неговите соседи, кои велат дека тој со години не го напушта својот дом и дека за него се грижела неговата сега покојна мајка…

Борис Балоски, долгогодишен познаник на семејството Трајчески вели дека Игор иако поседува стан и ќе ја наследи пензијата на неговата мајка не е способен да опстојува сам. Тој со години воопшто не излегува од својот дом, нема лична карта, не може сам да купува храна или да ја зема пропишаната терапија. Кога не спие постојано пуши, удира со нозете, крши предмети и постои опасност да предизвика пожар.

„Ринглите две вклучени, чекав два саати да се оладат, којзнае колку време стоеле вклучени. Никој жив човек, ни од државава, ни институција не се појавени. И во полиција, и во болница, социјални грижи, во општина, ваму-таму се жалев, никој како да не е надлежен за случајов. Детево во ваква состојба е вака оставено. За кучињата се згрижуваат, за луѓево на улица ги оставаат“, изјави Борис Балоски- познаник на семејството.

Поради состојбата на Игор се загрижени и соседите. Велат понекогаш знае да биде агресивен, може да се самоповреди или на им нанесе штета на останатите станари.

„Еднаш се случи кршење, фрлање, ноќе во 11 часот, па кој дојде, што дојде, ни беше страв. Па тој прво не е излезен од дома, нема кој да му купи, таа носеше се, јадење, пиење, се“, вели Вера Деолска- сосетка.

„Јас не го знам, не го познавам, 22 години овде сум“, рече Стефан Деолски- сосед.

Од охридскиот Центар за социјална работа негираат дека не реагирала ниту една институција. Напротив уште додека мајката била на болничко лекување тие реагирале и лицето било однесено во Одделението за невропсихијатрија во Општата болница од каде што добиле став дека Игор не е агресивен и поради тоа не можат да го сместат во институцијата.

„Центарот за социјална работа не се амнестира од одговорност понатака во случајот, доколку треба да му се постави старател или слично, но во секој случај наш став е дека треба целиот процес да започне од здравствените институции. Да се направи процена на лицето, понатака да се делува, дали да се смести во институција, затоа што на ова лице му е потребна нега“, вели Игор Еленчевски- директор на Центар за социјална работа Охрид.

Од Општата болница велат дека Трајчески е прегледан во здравствената установа и дека е констатирано дека не е во можност самостојно да функционира, поради што е потребна асистенција од социјален работник додека не се изнајде решение и лицето не се згрижи во соодветна установа. Велат дека се подготвени во секој момент да помогнат доколку е потребно лекување кое трае одреден период, но дека не се установа која згрижува слични пациенти.

Сашо Нелоски