ЦЕФТА: Земјите од регионот разговараа за ефектите од либерализацијата на пазарот
Освен за позитивните ефекти од либерализацијата, земјите ги разгледуваа и меѓусебните проблеми, меѓу нив и запленувањето на македонските кондиторски производи во Србија...

Сите земји потписнички на ЦЕФТА договорот освен Молдавија, учествуваа на ЦЕФТА подкомитетот за земјоделство, кој изминативе два дена заседаваше во Скопје. Освен за позитивните ефекти од либерализацијата, земјите ги разгледуваа и меѓусебните проблеми, меѓу нив и запленувањето на македонските кондиторски производи во Србија.
Македонија ја актуелизира и важноста на подсекторот за производство на жито и проблемите кои лани ги предизвика зголемениот увоз на брашно од регионот, потоа отежнатиот пласман на македонското вино на српскиот пазар и последните проблеми со запленување на македонски кондиторски производи поради наводна злоупотреба на интелектуалната сопственост и фалсификување.
Од македонска страна беа покренати низа иницијативи за хармонизација на стандардите за безбедност на храна меѓу земјите во регионот за олеснување на протокот на стоки, контрола на граничните премини базирана на проценка на ризик и усогласување на заеднички модел на договори од областа на безбедноста на храната.
