Истражување: 94% од македонските студенти користат презервативи

11.06.2014 13:53

Дури 94% се изјасниле дека користат кондом како контрацепција и заштита од сексуално преносливите инфекции ...

Македонските студенти го преферираат кондомот како заштитно средство при сексуалниот однос. Дури 94% се изјасниле дека користат кондом како контрацепција и заштита од сексуално преносливите инфекции (СПИ). Исто толку се изјасниле како доволно информирани за заканата од несакана бременост и СПИ.

Покрај позитивниот однос кон презервативот, речиси 40% од студентите имаат конзервативен став дека момчето треба да ги купува презервативите во врската, наместо обврската да биде поделена меѓу двајцата партнери подеднакво.

„Истражувањата ги спроведуваме со цел да добиеме прецизни знаења за ставовите и познавањата на нашите корисници и натаму да ги насочиме активностите. Добиените податоци, укажуваат на тоа дека студентите кои се во полна сексуална активност имаат познавања како да се заштитат себеси и партнерот, сепак постои една тенденција врз која треба да влијаеме едукативно, а тоа е можеби најважниот сегмент. Бројката дека 40% сметаат дека машкото треба да се грижи за купување презервативи, е загрижувачка затоа што зборува за недоволна свесност за сексуалната обврска и одговорност кон себеси и кон партнерот. Според ова, ќе создадеме активности за подигнување на сечија свест за одговорноста во сексуалниот чин“, изјави Елена Гагиќ од Меркур Трејд, Генерален застапник за брендот Дурекс во Македонија.

Позитивен факт е што кај најголемиот дел од нив, 84%,цената не е пресудна кога станува збор за купување на презервативи, туку квалитетот.

Две третини од испитаниците одговориле дека потребните информации во однос на контрацепцијата, нејзината употреба, како и заштитата од непланирана бременост и сексуално преносливи инфекции ја добиваат преку медиумите. Останатите испитаници изјавиле дека информациите ги наоѓаат на Интернет, додека сосема мал процент се информираат преку комуникација со родителите, пријателите или пак стручно лице.

Истражувањето за сексуалните познавања на студентите било спроведено од  Дурекс во соработка со Сојузот на студенти по медицина во Македонија (ССММ). Во анкетата учествувале 800 студенти.

 

Соња Стојановска