ДКСК

Антикорупционерите положија заклетва

08.02.2024 15:03

Новиот состав на Антикорупциската комисија положи заклетва. Но, големо прашање е дали ќе има резултат, откако за ниту една од иницијативите за кривично гонење, покренати од претходната комисија, немаше разрешница. Новите борци – децидни – нема да дозволиме политички влијанија...

Седуммина антикорупционери дадоа свечена изјава во Собранието. Сега зборовите треба да ги операционализираат на терен. Новиот состав кој треба да стави крај на корупцијата, посочувана како рак – рана на општеството, ветува нови истраги и креирање на антикорупциски политики. Штом се вселат во зградата, ќе скенираат што работеле претходниците за да може да продолжат. Императив ќе им биде заштита на општествениот интегритет, а според најавите на претседателката Димитровска, политички влијанија и притисоци нема трпат.

Антикорупциска се надева на интензивна соработка со обвинителството, медиумите и државните институции, за да може, како што вели Димитровска – нивните предмети да финишираат со судска одлука. Свежиот оптимизам доаѓа во период кога и домашната, но и меѓународната јавност имаат големи очекувања за сузбивање на корупцијата, но истовремено и опомена дека проблемот треба итно да се реши.

 

Анита Димитријевска – Велковска