Нови случаи на голема кашлица, најзасегнати се децата
Потврдени нови случаи на големата кашлица. Заразени деца, родителите исплашени. Откако комисијата побара да се прогласи епидемија во Скопје, Министерството за здравство ги подготви документите…

Бројот на заразени со голема кашлица секојдневно се зголемува, регистрирани се четири нови случаи. Четиримесечно бебе и деца од една и три години од Скопје се новозаболени, има случај и од внатрешноста. Појавата на болеста предизвика страв кај родителите, во вакциналните пунктови зголемен интересот за имунизација со „ди-те-пер“.
„Досега одложував, но сега моравме да ја примиме, воедно има услов дека нема да оди во градинка доколку не ја прими.“
„Ако сме вакцинирани нема потреба да стравуваме. Заразените случаи се невакцинирани деца.“
„Се плашам, како не се плашам, поради тоа дојдов.“
„За децата стравуваме, за нас не толку, а за децата стравуваме“-велат родителите кои ги анкетиравме.
Во добра здравствена состојба се бебето од еден и пол месец и четиригодишното дете кои сè уште се лекуваат на Детската клиника. Лекарите предупредуваат – станува збор за заболување кое може да предизвика сериозни компликации кај бебињата.
„Клиничката слика е драматична, нападите со загуба на воздух може да траат и повеќе од еден месец, додека пак, последиците се гледаат и во подоцнежниот период. Таа може да биде смртоносна за малите деца, особено за доенчињата“, изјави д-р Весна Мицевска – пулмолог во Детската клиника.
Комисијата за заразни болести предложи, а министерот за здравство Фатмир Меџити прифати да се прогласи епидемија во главниот град. Се чека одлука од Влада. Препораките опфаќаат забрана за прием на невакцинирани или нецелосно имунизирани деца во градинка, вакциналните пунктови да работат во две смени и да бидат отворени во сабота. За да се спречи ширење на заразата, проверки најавуваат и од Министерството за труд и социјала.
„Од Службите ме известија дека сè е процесуирано и сега ќе потпишам и ќе го пратам до вакциналните пунктови да стапи во сила“, изјави министерот за здравство Фатмир Меџити.
Бројот на заболени со голема кашлица од почетокот на годината достигна 22 случаи. Сите препораки се во насока да се зголеми опфатот на имунизација, кој во земјава не е на задоволително ниво. Големата кашлица е многу заразна респираторна инфекција, доколку во просторијата има и само еден заболен, може да ги зарази сите присутни.
Андријана Ѓурческа
