Грчките студенти на протест во Атина против Предлог-законот на Владата за отворање приватни факултети
Грчките студенти одново на протест. Не отстапуваат од барањето Владата да го укине Предлог-законот за отворање на приватни факултети. Протестот доби поддршка од Синдикатот на вработените во државниот сектор, универзитетски професори и просветни работници …

Грчките студенти и ученици на петти протест во Атина против Предлог-законот на Владата за отворање приватни факултети. Пораката до властите иста, високото образование мора да остане државно и бесплатно. Протестот доби поддршка од Синдикатот на вработените во државниот сектор, но и од универзитетски професори и просветни работници.
„Знаеме дека нема да има еднаквост. Знаеме дека единствената еднаквост што ќе постои ќе биде меѓу оние чии џебови можат да си дозволат да одат на приватни универзитети“, изјави Марија Руша, студентка.
Идните академски граѓани коментираат дека Предлог-законот од Министерството за образование е неправеден, а со отворањето на приватните универзитети се деградираат државните. Од Владата со став, реформата ќе им овозможи на грчките јавни универзитети да стапат во партнерства со реномирани странски академски институции, а меѓу другото ќе спречи илјадници грчки студенти да ја напуштат земјата за да студираат на европски и американски универзитети.
„Бараме веднаш да се повлече предлог-законот. Нашата борба е праведна и се бориме за бесплатно јавно образование кое ги задоволува нашите реални потреби“, изјави Софија Курла, студентка.
Протестите почнаа од јануари и се одржуваат секој четврток, откако грчкиот премиер Мицотакис соопшти дека создаваат рамка за конечно во Грција да функционираат непрофитни, недржавни високообразовни институции, а конкретниот Предлог-закон се очекува до крајот на февруари да биде изгласан во парламентот. Предвидено е од септември 2025 година приватните универзитети да почнат со работа во Грција, а приемот на студентите да се врши исклучиво преку државен испит.
Маријана Димовска
