Изненадување, зошто да не?!
Ракометарките ќе истрчаат на мегдан во Кале со германките во првиот од двата дуели со нив и воедно последени на квалификациски континентален пат...

Светот трепери и брои до стартирање на најмоќната машинерија која ќе забрефта за ден и половина и ќе ја насочи планетава кон една мисла, фудбалскиот мундијал. Македонија во пресрет на истиот, денеска го препушта спортски репрезентативно денот на дамите.
Ракометарките ќе истрчаат на мегдан во Кале со германките во првиот од двата дуели со нив и воедно последени на квалификациски континентален пат. Речиси од корен сменетиот македонски ракометен репрезентативен состав со 3-4 искусни кои ја прават базата, влегуваат во скопскиот натпревар со цел овој циклус на репрезентативна концептуална пресвртница го заокружат барем со една победа.
Досега нашите млади ракометарки запишаа два порази со русинките, кои инаку се лидерки во групата со три победи и само еден негативен скор и тоа од нашите денешни противнички. Германките пак, имаат две средби зад себе со два бода собрано. Тоа се и двете селекции кои покрај нашата се во квалификациската група 7 за декемврискиот европски ракометен собир.
Натпреварот Македонија-Германија започнува во 17.45, подршката за прв триумф кој би значел мотив за иднина е потребна, па затоа и ракометната федерација се одлучи влезот да биде слободен.
За оние кои нема да бидат во СРЦ Кале, тука е МРТ собранискиот сервис со слика и тон од таму.
