Охрид

Со песочни фигури до поатрактивни плажи

10.02.2024 11:09

Многупати туристичките експерти говорат дека постојано треба да се нудат нови содржини за привлекување на странски туристи. Меѓутоа тоа не значи дека не треба да се возобноват некои од старите кои биле атрактивни за гостите. Тоа беше повод Охридскиот историски архив да им понуди на неколку хотелиери повторно да ја возобноват традицијата од пред пет децении за организирање на натпревари за изработка на песочни фигури на нивните плажи.

Многу честа слика долж охридското крајбрежје во текот на летото е да видиме деца и помлади лица коишто се занимаваат со мобилни телефони на прекрасни песочни плажи. Тоа не поттикна да се навратиме неколку децении наназад, бидејќи во охридскиот историски архив има податоци дека помеѓу 70-тите и 80-тите години од минатиот век на плажите се одржувале натпревари во правење на песочни фигури.

На тој начин не само што се привлекувало вниманието на гостите, туку се градела и креативноста на тогашните млади генерации.

„Натпреварите за песочни фигури започнале најпрвин во основните училишта како еден вид секции од техничкиот предмет за потоа да се премине во меѓу училиштен натпревар, за потоа да премине во меѓуградски натпревар, па да се стигне до меѓурепублички натпревар во кој навистина имало прекрасни фигури од тој период“, изјави Никола Митровиќ-раководител на Историски архив Охрид.

Во тој период дури и туристичките агенции се обидувале со овие атрактивни натпревари да привлечат странски туристи.

„За овие песочни фигури навистина постоеле одредени подготовки, подготовки кои ги правеле одредени уметници се со цел оние што сакале да учествуваат претходно имале одреден период за да се согледа нивната уметничка душа, а потоа да учествуваат во самиот натпревар“, изјави Никола Митровиќ-раководител на Историски архив Охрид.

Старите записи и идеите од тој период од Историскиот архив им се предложени на неколку хотелиери со цел да се возобнови оваа традиција на нивните плажи. На тој начин туристите не само што ќе уживаат во убавите песочни фигури, туку ќе можат да се вклучат и во нивната изработка.

 

Сашо Нелоски