Војната може да заврши доколку САД и западот не го поддржуваат Киев, вели Путин
Забележително медиумско внимание привлече интервјуто на шефот на Кремљ, Владимир Путин со поранешниот телевизиски коментатор на американската мрежа „Фокс“, Такер Карлсон. Во него, Путин тврди дека ЦИА го разнела Северен тек, дека војната можела со мир да заврши за неколку недели, доколку не се вмешал западот. Рускиот претседател укажува и на создавањето на суперчовек на западот со имплантирани чипови со кои би се заменила човечката со вештачка интелигенција. Западните медиуми со негативни коментари за настапот на Владимир Путин. Зеленски и натаму тврди, Украина ја добива војната, најавува руски пораз годинава…

Војната во Украина може да заврши за неколку недели доколку САД и западот финансиски не го поддржуваат Киев. Во интервјуто со Такер Карлсон, поранешниот новинар на американската мрежа „Фокс“, Путин е повторно на глобалната медиумска сцена, привлекувајќи позитивни и негативни коментари.
„Можете да замислите сценарио со испраќање руски трупи во Полска?“-прашува Карлсон.
„Единствено доколку Полска ја нападне Русија. Ние немаме интерес во Полска, Латвија или на друго место. Тоа е чиста трговија со стравови“-одговори Путин.
„Кој го крена во воздух северниот тек?“-праша Карслон.
„Сигурно вие“-одговори Путин.
„Бев зафатен тој ден, не бев јас“-шеговито коментираше Карслон.
„Можеби Вие имате алиби, но ЦИА нема такво алиби. Кој има такви можности да се спушти до дното на Балтичкото Море и кој има интерес да го стори тоа? Поврзете го двете компоненти“-рече Путин.
Според Путин, мирот можел да се постигне уште во Истанбул, Украина била подготвена, но се вмешал тогашниот британски премиер Џонсон.
„Порано или подоцна ќе дојде до договор. Можеби сега со оглед на состојбата ќе е чудно. Но, повторно ќе ги изградиме односите меѓу двете нации, ќе одземе време, но ќе закрепнат“, изјави рускиот претседател.
Така не смета и украинскиот претседател Зеленски, најавува пораз на Русија годинава.
„Ја издржавме првата година, почнавме да си ја враќаме територијата. Му докажавме на светот дека Русија може да загуби. Во втората година од војната го освоивме Црно Море, ја победивме зимата. Ја вративме контролата на украинското небо. Се наближува поразот на Русија, која ќе мора да ги прифати нашите услови“, изјави украинскиот претседател Зеленски.
На интервјуто реагираа западните медиуми. Хилари Клинтон, Карлсон го нарекла корисен идиот. „БИ-БИ-СИ“ тврди дека Карлсон е новинарски заложник. Интервјуто се поврзува со отказот на Карлсон од „Фокс“ поради судската наплата на мрежата од 787 милиони долари по тужбата на компјутерска компанија за наводно украдените американски избори во 2020-та.
Зоран Богатинов
Фото: Kremlin.ru
