НБРМ: Македонската економија и понатаму закрепнува
Најновите показатели за економската активност за првото тримесечје покажуваат натамошни поволни трендови во реалниот сектор, при раст на активноста во поголемиот дел од клучните економски сектори...

Економијата и натаму солидно закрепнува, а постојат предуслови и приватниот сектор да закрепнува и без дополнителен монетарен стимул, констатира Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ на вчерашната седница, соопштуваат од Централната банка.
Комитетот оценува дека досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви. Во овој контекст, со последната одлука на Европската централна банка за намалување на каматната стапка се ублажуваат дел од потенцијалните ризици за надворешната позиција на домашната економија. Со промените во каматната стапка на централната банка-сидро се зголемува распонот помеѓу каматната стапка на домашната валута и на еврото со што се зголемува и привлечноста на домашната валута.
Комитетот оценува дека нема поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Во соопштението се наведува дека најновите показатели за економската активност за првото тримесечје покажуваат натамошни поволни трендови во реалниот сектор, при раст на активноста во поголемиот дел од клучните економски сектори.
Притоа, оценето е дека економското закрепнување ќе се одвива со динамика слична на оцените дадени во априлските проекции. Воедно, и понатаму не се очекува дека растот ќе биде доволно силен за да предизвика поголеми нерамнотежи во економијата, во форма на инфлациски притисоци и позначително влошување на надворешната позиција.
