Собрание

Почна седницата за разрешувањето на министрите Меџити и Алиу

09.02.2024 14:08

Барањето за разрешување на Меџити и Алиу го поднесе вчера техничкиот премиер Талат Џафери, кој е присутен на седницата.

Со задоцонување од над два чаа почна собраниската седница на чиј дневен ред е разрешувањето на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација, Фатмир Меџити и Азир Алиу, како и предлогот за именување на Илир Демири и Наим Бајрами на нивно место во овие два ресора.

Барањето за разрешување на Меџити и Алиу го поднесе вчера техничкиот премиер Талат Џафери, кој е присутен на седницата.

Пред седницата прес-конференција во Собранието одржа координаторот на пратеничката група на АА Аднан Незири, а изјава даде и пратеникот од Алијанса за Албанците, Халил Снопче.

Незири информира дека Управниот совет на партијата едногласно одлучил Меџити и Алиу да бидат разрешени, а на нивно место да бидат назначени Илир Демири и Наим Бајрами. Како што рече Незири, Меџити и Алиу се однесувале спротивно на партискиот етички кодекс и дефинираните западно ориентирани вредности, а вчерашниот собир во Куманово, напомена, не бил легитимен.

Снопче, пак, соопшти дека АА не побарала разрешување на Меџити и Алиу, како и дека членови на партијата кои не се согласуваат АА да оди на избори со опозицијата, преку Артан Груби сакаат да направат пуч во Алијанса за Албанците. Според Снопче, органите на АА стојат зад Меџити и Алиу.

Барањето за разрешување на Меџити и на Алиу доаѓа откако тие го поддржаа претседателот на Алијансата за Албанците (АА) Арбен Таравари, кој најави дека на избори ќе оди со албанската опозиција, додека крилото на АА предводено од Зијадин Села најави дека на изборите за пратеници на 8-ми мај, АА треба да настапува самостојно.