УЈП ја објави „црната листа“ на должници
Управата за јавни приходи на својата интернет – страница ја објави „црната листа“ на должници. На листата се наоѓаат фирми и граѓани кои и должат на државата – по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од социјално, акцизи и царини... Меѓу нив има и странски државјани...

2608 компании и 901 физичколице и самостојни вршители на должност се најдоа на „црната листа“ на УЈП. Вкупно на државата, по разни основи, и должат речиси 200 милиони евра. За да се обезбеди место во ова „непопуларно“ друштво, потребно е вкупниот износ на долгот да надминува 2.000 кај физичките лица, односно над 5.000 евра кај компаните. На листата има и елитни ресторани, градежни компании, јавни претпријатија... Најголемиот должник меѓу фирмите е од скопски Чаир, со долг од над милијарда денари, односно 17,7 милиони евра, направени по основ на ДДВ. Кај физичките лица – „првенецот“ на листата борчи нешто над 2 милиона евра.
Со ставањето на столбот на срамот, секој ќе може да види кој, колку и за што и должи на државата. Со ова, според оценките на надлежните, ќе се зајакне даночната дисциплина, ќе се заштити државната каса и ќе се спречи нелојалната конкуренција. Ваквата пракса е веќе присутна во земјите од регионот, но и во најразвиените држави.
Објавувањето на листата на должници беше едно од барањата ина бизнис - секторот.
„Објавувањето на даночните должници е во насока на подобрување на деловниот амбиент“ – сметаат во Сојузот на стопански комори.
Во земјава повеќе нема даночни тајни. Сега УЈП секој месец ќе објавува „црна листа“. На последнава се најдоа и странски државјани, кои должат околу 150 илјади евра.
Мартин Пушевски
