Здравство

Бројот на заразени со голема кашлица се искачи на 26, зголемен интересот за имунизација

09.02.2024 16:03

Четири нови случаи на голема кашлица во главниот град. Оваа бактерија се повеќе ги плаши граѓаните. Вакциналните пунктови преполни. Родителите ги носат децата да ги примат потребните дози на „ди-те-пер“. Властите сè уште без одлука дали ќе биде прогласена епидемија. Бројот на заразени се искачи на 26...

Уште четири нови случаи на голема кашлица во главниот град – вкупниот број од почетокот на годината достигна 26. Власта сè уште нема донесено одлука да се прогласи епидемија, иако таква препорака стигна од Комисијата за заштита од заразни болести. Вакциналните пунктови ќе работат во две смени, ќе бидат отворени и во сабота. Појавата на болеста предизвика страв кај родителите и го зголеми интересот за имунизација со „ди-те-пер“.

„Заштитени се ама страв ми е. Имаме пријатели со помали бебиња што не можат да се вакцинираат и реално може да им претставува опасност“.

„Важно е да се вакцинираат сите и да се следат сите регулативи“.

Најчесто доаѓаат родители со деца кои ја пропуштиле ревакцината на 18 месеци. Само изутринава во пунктот во „Букурешт“ биле вакцинирани 60-тина деца.

„Од утрово до 11 часот вакцинираме околу 60 дечиња. Ако бројките на дневно ниво вообичаено ни се меѓу 20 и 30, денеска и тоа досега, бројката ни е двојно поголема. Тука е нели стравот на родителите, но и мерката за забрана во градинките за невакцинираните“, изјави д-р Сања Цилевска-Младеновска од вакцинален пункт „Букурешт“.

„Родителите прашуваат зошто во овој доенечки период да се примат овие поливалентни вакцини во кои е содржана оваа компонента за голема кашлица. Понатаму, кој е производителот и кои се несаканите реакции од примената вакцина“, изјави д-р Бети Гелејчевска-Илковска, од вакцинален пункт „Букурешт“.

Вкупно седум деца со голема кашлица се хоспитализирани во детските болници. Комисијата за заразни болести препорача невакцинирани или нецелосно имунизирани деца да не се примаат во градинка. Лекарите велат големата кашлица е многу заразна респираторна инфекција, доведува до компликации, а може да предизвика и смрт, особено е опасна за бебињата.

Нискиот опфат на имунизација со оваа и со другите вакцини е една од причините за појавата на големата кашлица – болест што се смета за искоренета откако се појави вакцината.

 

Андријана Ѓурческа