Пратениците на СДСМ без работа ќе земаат пари од граѓаните!

11.06.2014 17:04

Меѓу оние кои ќе живеат на државен трошок е и заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска...

Пратениците од СДСМ од претходниот состав ќе земаат апанажа една година -  ваквата одлука ја донесе Kомисијата за избори и именувања. Пратениците од ВМРО- ДПМНЕ и од ДУИ велат - не го признаваат легитимитетот на Собранието, а не им пречи од таму да земаат пари.

Меѓу оние кои ќе живеат на државен трошок е и заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска.  

„Тоа што го направи Шеќеринска во последен момент е лицемерие- го негира парламентот, а од него ќе добива 1.000 евра месечно“,  рекоа членовите на Комисијата.

„Ова е невидено лицемерие, ова е нешто што нема никаква врска ниту со морал ниту со етика, ниту пак може да се одмолчи. Некој можеби може, но јас навистина не можам“, рече Ромео Тренев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Да побарате да ви се изгласа апанажа од пратеници за кои тврдите дека биле избрани на нелегитимни избори, на кои била фалсификувана волјата на граѓаните и граѓаните гласале под притисок- или е хипокризија или е комплетно демантирање на сите ставови кои сте ги кажале претходно, што е континуитет во политиката на СДСМ и во политичкото лутање во кое не знаат кој правец да го фатат“, нагласи Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците отворено прашаа дали СДСМ ретерира и го признава легитимитетот на Собранието со тоа што токму Шеќеринска побарала едногодишна апанажа. Според нив, апанажата достигнува баснословни суми и неработењето на СДСМ ќе ги чини граѓаните премногу, а Зоран Заев сакал да направи забуна со тврдењето дека апанажа следува за пратеници со најмалку едногодишен стаж.

„Државните интереси се штитат токму тука во Собранието, а не надвор од собранието. Меѓутоа, и интересите на гласачкото тело кое гласало за пратениците на СДСМ се разбира дека треба да се штити“, изјави Рафиз Алити од ДУИ.

„Сакам да предупредам на една работа, на непринципиелноста, на неморалноста на нечесноста што на некој начин ја чувствувам од страна на колегите од СДСМ, но пред се од нивната подпретседателка бидејќи беше тука со нас, бидејќи едноставно го бојкотираат Собранието, не го признаваат, а кога доаѓа ред си ги бараат парите“, истакна Трајчов.

Радмила Шеќеринска и останатите пратеници од опозициската СДСМ ги добија апанажите. Без работа ќе добиваат пари од граѓаните.

 

Миле А. Ристески