Во Вашингтон средба Бајден - Шолц
Американско-германската трансатлантска соработка се зацврстува и добива позасилен тек. Во фокусот на разговорите тет-а-тет во Белата куќа, американскиот претседател Бајден и германскиот канцелар Шолц разговарале за помошта на Украина, за смирување стабилизирање на растечките конфликти на Блискиот исток. Постоењето на две држави, Израел и Палестина е решението за војната, се согласиле соговорниците.

Американскиот конгрес и натаму е главната пречка за воената поддршка на Украина. Откако демократите и републиканците се поделија во ставовите дали има предност Израел или Украина, во ќорсокак е определувањето финансиски средства за запирање на војните во двете невралгични подрачја. На итната средба во Белата куќа, Бајден и Шолц ја потврдија евро-атлантската соработка, поточно меѓу Вашингтон и Берлин. Сепак, Бајден побара и поактивно европско вклучување во финансирањето на украинската одбрана.
„Во конгресот мора да помине пакетот трошоци за националната безбедност. Нашите претставници во долниот дом имаат спротивставен став и повеќе се занимаваат со домашна политика, наместо со бруталната руска агресија врз Украина. Затоа Германија помогна со удвојувањето на воената поддршка и така треба и да продолжи“, изјави Џозеф Бајден претседател на САД.
„Сега не би требало да се бркаме околу грмушката за тоа дали Украина може да ја одбрани земјата. Американската помош е клучна. и затоа, доколку не се донесе одлука во конгресот, тоа ќе биде голема закана за Украина“, изјави Олаф Шолц – канцелар на Германија.
„Исто така разговаравме и за последниот развој на настаните на Блискиот исток. За ослободување на заложниците, за хуманитарната помош. Долготрен мир би се постигнал со решението за две држави. Но за тоа е потребно многу да се работи. Тоа ќе го направиме“, изјави Џозеф Бајден – претседател на САД.
„Разговаравме и за иднината на Блискиот исток. Се согласивме за решението за постоење две држави, Израел и Палестина да живеат во мир. ќе направиме се тоа да се постигне“, изјави Олаф Шолц – канцелар на Германија.
На средбата, Шолц го коментирал и неодамнешното интервју на Путин со американскиот новинар Карлсон. Ставовите на рускиот претседател ги нарекол „смешни“.
Зоран Богатинов
