Политика

Поддршка од германските социјалдемократи

10.02.2024 15:47

„Европскиот фронт е единствената опција која гарантира просперитет на државата“, вели лидерот на СДСМ, Ковачевски. Смета дека Таравари не е фактор што одлучува. Засега, не разговарал со Села за евентуална соработка. Отворена поддршка за македонските евроинтеграции од лидерот на германските социјал-демократи Клингбилд.

Европскиот фронт за кој се залагаме постои и тоа се гледа на дело. Не можеме европската интеграција на државата да ја ограничиме на тоа дали Арбен Таравари поминал од власт во опозиција, вели лидерот на СДСМ Ковачевски. Коментирајќи ги последните случувања во Алијанса за Албанците додаде дека Таравари не е клучен играч за иднината на државата и дека прави свои политички калкулации.

Нека го информира некој од СДС Ковачевски дека Македонија сè уште нема почнато преговори со Европската унија, а за тоа е виновен токму тој и владата на СДС и ДУИ, кои изминатите 7 години водат попустлива и понижувачка меѓународната политика, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Со СДС и ДУИ во Македонија никогаш не било полошо“

„Македонија е единствената земја во светот која е условена да го промени уставот без да започне преговори со ЕУ, а сето тоа го направија токму Ковачевски, Османи и Маричиќ, кои наместо да ги бранат националните и државни интереси, тие ги распродаваат. Во однос на криминалот и корупцијата во државата, подобро е Ковачевски да не отвора уста, бидејќи пола од владините функционери му се наоѓаат на црната листа на САД, а американската амбасадорка Агилер вели дека во Македонија има епидемија од корупција, додека холандскиот амбасадор Коп вели дека земјата нема никаков напредок во борбата со корупцијата“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на германските социјалдемократи со отворена поддршка за македонските евроинтеграции. Ларс Клингбилд е првиот лидер на партијата кој доаѓа во официјална посета на Македонија. Смета дека Западен Балкан треба да биде дел од Европската Унија, како потреба за одржување на нејзината стабилност и напредокот и на самата Европска Унија.

„Процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан и Северна Македонија навистина прави добра работа околу прашањето за приклучување во Европската Унија. Ова е германската перспектива. Знам дека канцеларот Шолц ја дели оваа перспектива и е многу активен по ова прашање. Јас можам да дадам целосна поддршка од социјалдемократската партија на Германија и сакаме Северна Македонија и останатите држави од Западен Балкан да станат членки на Унијата“, изјави Ларс Клингбилд - претседател на социјал-демократската партија на Германија.

Ковачевски истакна дека се предложени повеќе кандидати за претседател од СДСМ, меѓу кои Пендаровски и други поранешни претседатели на државата и партијата.

 

Милчо Велески