Македонија ќе има доволно природен гас во следните 5 години

11.06.2014 17:12

Премногу пари се во игра за да се прекине ваков трансконтинентален проект, велат експертите...

Политичките надмудрувања меѓу Eвропа и Русија, во кои се повеќе се инволвираат и американските интереси стануваат пречка за реализација на гасоводот Јужен тек. Бугарија ги стопира работите, а Србија ја чека разврската од разговорите меѓу Брисел и Москва. Експертите и владата смируваат. Македонија ќе има доволно природен гас и во следните 5 години и без Јужен тек затоа што капацитетот на постојниот гасовод преку Бугарија се користи само со една четвртина. Работата на физибилити студијата и на разгледувањето на сите гасни алтернативи продолжува со нормална динамика.

„Ние и натаму остануваме посветени и ако се ослободи можноста за реализација на Јужен тек, ние ќе го направиме она што зависи од нас“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Премногу пари се во игра за да се прекине ваков трансконтинентален проект, велат експертите. По смирување на политичките страсти проектот Јужен тек ќе се гради со поголема динамика.

„Нашата агенда е таква да во следниот период од 5 години и немаме потреба од поголема количина на гас. Нашата Влада постигна стратегиски договор за тој период по овие 5 години кога ќе нараснат потребите и Македонија ќе троши до 2 милијарди гас годишно“, изјави универзитетскиот професор Константин Димитров.

Дијалогот меѓу европската администрација и руската страна засега е без конкретен резулатат , затоа што во игра е и можното превземање на постојниот гасовод во Украина од страна на конзорциум во кој освен европски, има и американски компании.

 

Свето Николовски