Се шири тензијата на Блискиот Исток
Се шири тензијата на Блискиот Исток. Иран бара Израел да биде исклучен од Обединетите нации. Тел Авив – блиску сме до победа.

Знамиња, балони и пароли низ улиците на иранскиот главен град, се одбележува исламската револуција. Барабаните на војната ечат на Блискиот Исток, во Техеран, илјадници иранци извикуваа смрт на Америка, смрт на Израел. Гореа и националните симболи на двете држави. Продефилираа и најновите балистички проектили, ракетите и дроновите. На небото, падобранците носеа палестински знамиња.
„Мораме да ги прекинеме сите економски врски со Израел за да го уништиме ционистичкиот режим. Внимавајте, тие сакаат само да купат време, ние мораме да го уништиме ционизмот. Нема да трае долго“, изјави Ибрахим Раиси-претседател на исламска република Иран.
Раиси побара исклучување на Израел од Обединетите нации.
Во Бејрут шефот на иранската дипломатија се сретна со либанскиот колега, со водачот на проиранската Хезболах, како и со командантите на Хамас и на палестинскиот исламски џихад.
И така сложена, состојбата на Блискиот Исток од ден на ден уште повеќе се усложнува. Израел продолжува со чистењето на теренот во јужните предели на Појасот Газа, каде што се евакуирани над две третини од населението, или околу милион и половина. Рафа, на египетската граница, е неколкудневна цел на израелската војска.
„Веќе влеговме во чувствителните позиции на Хамас, ги користиме нивните разузнавачки податоци против нив. ги уништуваме со нивното оружје на теренот. Колку што се доближуваме и ја остваруваме целта, толку сме и поблиску до остварувањето на целта на ослободувањето на заложниците“, изјави Јоав Галант – министер за одбрана на Израел.
Саудиска Арабија му се закани на Израел со несогледливи последици доколку продолжат воената интервенција и нападот врз Рафа. Израелскиот премиер не се осврнува на предупредувањата на Ријад. За Нетанјаху, победата е клучот на постоењето на еврејската држава. Војната, по 17 години мир на Блискиот Исток, навлезе во петтиот месец.
Зоран Богатинов
