Демонстрација на сила на истокот од Украина

11.06.2014 17:28

По навестувањата за крај на кризата и можен договор, смирувачки зборови и Стејт Департментот на САД...

Стратешкото распоредување на силите во Европа и разговорите Москва-Брисел-Киев ја ставија во втор план воената ситуација на истокот на Украина. Двата блока повторно демонстрираат сила преку воени вежби.

24 руски бродови маневрираат во Балтичкото Море кај енклавата Калининград на повеќекратни воени вежби. Задачата им е да ја гарантираат одбраната на државната граница и да трагаат по „непријателски бродови и подморници“. По навестувањата за крај на кризата и можен договор, смирувачки зборови и Стејт Департментот на САД.

„Немаме планови да распоредиме ракетна одбрана во Грузија или во Украина, денес или во иднина“, вели Викторија Нуланд, помошник државен секретар на САД.

Но на теренот, недовербата меѓу двете страни е голема – и бродови на НАТО во Црното Море ќе вршат електронско испитување на руската крајбрежна инфраструктура. Фрегатата ќе маневрира околу 50 километри од рускиот брег, но нема да влезе во руските територијални води. Во меѓувреме, во Донбас продолжуваат борбите.

Новиот украински претседател Порошенко вети хуманитарен коридор, но шефот на руската дипломатија тврди дека тоа не се случило – помошта ја доставувале со помош на бунтовниците.Додека во доњецката област се распоредуваат тенкови и оклопни возила, во Доњецк и во Славјанск расте стравот од ново гранатирање бидејќи во болниците нема доволно лекови ниту лекари, а снемува и гориво и храна.

 

Ивана Салтировска