Епидемија

Нови пет случаи на голема кашлица, градинките бараат потврди за вакциналниот статус

12.02.2024 12:26

Пет нови случаи на голема кашлица во Македонија. Со тоа вкупната бројка достигна 31. Оваа бактерија која забрзано се шири ги исплаши родителите. Пред вакциналните пунктови редици за вакцинација. Во градинките се собираат податоци колку од децата ги примиле редовните дози. Инспекциите се на терен…

Пет нови случаи на заболени со голема кашлица-бројката надмина 30. Децата масовно се имунизираат. Во градинките се бараат медицински потврди за вакциналниот статус. Иако родителите имаа рок од неколку дена да ги достават, сепак велат не сакале да ризикуваат да им го вратат детето.

„Уште кога ги пријавуваме, однесовме вакцинален картон, сега ни бараа пак и пак однесовме.“

„Да донесовме, ние ги имаме сите вакцини примено.“

„Бараат и треба да биде задолжително.“

„Доставивме, уште минатата недела.“

„Не можеме секогаш да бидеме 100% сигурни колку вакцината направила имунитет кај децата, но тоа што е во наша моќ го направивме“, велат родителите кои ги анкетиравме.

Владата сè уште не прогласи епидемија, затоа градинките немаат задолжение да ги вратат невакцинираните деца. Велат, засега ги следат препораките од Комисијата за заштита од заразни болести.

„Превентивно веднаш побаравме од родителите да донесат нови ажурирани вакцинални картони за да ја видиме моменталната состојба на децата. Родителите ветија дека денеска, најдоцна до утре, ќе ги донесат и дека ќе ги примат пропуштените вакцини“, изјави Силвана Велковска-медицинска сестра во детска градинка „13-ти ноември“.

Во градинките има и деца коишто не примиле ниту една вакцина, но тие имаат медицинска потврда дека поради одредени алергиски реакции не можат да бидат имунизирани. Засилени контроли најавија од Министерството за труд и социјална политика.

Со цел да се спречи ширењето на болеста голема кашлица инспекциски служби ќе проверуваат дали во градинките има невакцинирани деца.

Стравот од ширење на болеста и денеска направи редици пред вакциналните пунктови, работат во две смени. Најчесто се имунизираа деца на три, четири, па и на петгодишна возраст што ја пропуштиле ревакцината на 18 месеци.

Педијатрите алармираат дека имунизацијата е единствена мерка за да се спречи епидемија.

Андријана Ѓурческа