Собрание

Меѓусебни обвинувања при изборот на нови министри

12.02.2024 14:48

Во Собранието при изборот на новите министри за здравство и информатичко општество во техничката влада на Џафери, меѓусебни обвинувања кој направил поголемо добро за граѓаните, а кој лошо. Изборот на новите министри дојде по барање на крилото на Зијадин Села од Алијанса за Албанците...

Кој ги лажел повеќе граѓаните, кој направил поголемо добро за нив, а кој лошо за граѓаните, обвинувања за менување на личните документи и изборниот процес. Сите теми се отворија при изборот на новите министри во техничката влада на Талат Џафери. Тој кус во образлагањето, за Илир Демири рече дека неговите дела зборуваат во здравството, додека за Наим Бајрами рече дека е млад човек кој има што да покаже во Министерството за информатичко општество.

Ова е влада на апсурдот, обвинува опозицијата, бидејќи министри се разрешуваат и се именуваат нови по предлог на партиска комисија, а партијата е со внатрешни проблеми. Вие ги лажевте граѓаните дека проблемот со личните документи ќе го решите, реплицираа од власта.

Изборот на новите министри дојде по барање на крилото на Зијадин Села од Алијанса за Албанците, бидејќи претходните двајца министри во владата на Џафери дадоа поддршка на Арбен Таравари. На конгресот на партијата се очекува и Таравари да биде разрешен од претседателската функција, бидејќи одлучи да оди на избори во коалиција со Европскиот сојуз за промени.

 

Миле Ристески